Банер
>>> Почетна » Правилник за заштитено внатрешно пријавување
Петок, 23 Јун 2017


Правилник за заштитено внатрешно пријавување

Е-пошта Печати PDF

 

Превземи ПДФ Правилник за заштитено внатрешно пријавување

 

Врз основа на член 35 од Статутот на јавното претпријатие за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар-Скопје, Пречистен текст (Службен гласник на Општина Центар –Скопје бр.19/10,03/11 и 11/15), а во врска со член 4 од Законот за заштита на укажувачи (Службен весник на Република Македонија бр.196/15), Управниот одбор на јавното претпријатие за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар-Скопје на својата 56та (педесет и шестта) седница одржана на ден 08.04.2016 година година го донесе следниот

ПРАВИЛНИК

ЗА ЗАШТИТЕНО ВНАТРЕШНО ПРИЈАВУВАЊЕ

Општи одредби

Член 1

Со овој Правилник се уредува начинот и постапката за заштитено внатрешно пријавување, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на јавното претпријатие за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар-Скопје во врска со заштитено пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите.

Член 2

Овој Правилник за заштитено внатрешно пријавување се однесува на:

- сите вработени лица во јавното претпријатие за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар-Скопје,

- кандидат за вработување или кандидат за волонтер во јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар-Скопје,

- лице кое е или било волонтер во јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар-Скопје,

- лице кое по било кој основ е или било ангажирано за извршување на работа од јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар-Скопје,

- лице кои по било кој основ е или било во деловен однос или друг однос на соработка со јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар-Скопје,

- лице кое користи или користело услуги во јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар-Скопје.

Начин и постапка за заштитено внатрешно пријавување

Член 3

Заштитено пријавување укажувачот врши во јавното претпријатие за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар-Скопје, за каде укажувачот има сомневање или сознание дека е извршено, се врши или ќе се изврши казниво дело или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес.

Укажувачот не е должен да ја докажува добрата намера и вистинитоста на пријавувањето од ставот (1) на овој член.

На укажувачот му се обезбедува заштита согласно со закон и му се гарантира анонимност и доверливост до степен и до момент до кои тој тоа го бара.

Член 4

Заштитено внатрешно пријавување укажувачот го врши усно на записник или во писмена форма до Директорот на ЈП за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар-Скопје (во натамошниот текст: овластено лице за прием на пријави од укажувачи).

Член 5

Директорот на претпријатието во својство на овластено лице за прием на пријави од укажувачи е должен:

- да ги почитува процедурите утврдени со овој Правилник за заштитено внатрешно пријавување,

- да ги заштити личните податоци на укажувачот, односно податоците кои можат да го откријат идентитетот на укажувачот кој бара да биде анонимен или пријавува доверливо, согласно со прописите за заштита на личните податоци,

- да го информира укажувачот кој е познат за преземените мерки во врска со пријавата без одлагање, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на пријавата.

Права на укажувачите

Член 6

Се забранува откривање или овозможување откривање на идентитет на укажувач, освен кога тоа се бара со судска одлука.

Овластеното лице за прием на пријави од укажувачи е должно да ги заштити податоците за пријавувачот, односно податоците врз основа на кои може да се открие идентитетот на пријавувачот, освен ако пријавувачот се согласи на откривање на тие податоци, а во согласност со закон со кој се уредува заштитата на личните податоци.

Секое лице кое ќе ги дознае податоците од ставот (1) на овој член е должно да ги штити тие податоци.

Овластеното лице за прием на пријави од укажувачи е должно во текот на примањето на информациите да го извести пријавувачот дека неговиот идентитет може да биде откриен на надлежниот орган, ако доколку без откривање на идентитетот не би било можно да се постапува пред тие органи, како и да го извести за мерките за заштита на учесникот во кривичната постапка.

Ако во текот на постапката е неопходно да се открие идентитетот на пријавувачот, овластеното лице за прием на пријави од укажувачи е должно за тоа да го извести пријавувачот, пред откривањето на идентитетот.

Податоците од ставот (1) на овој член не смеат да се откријат на лицето за кое се укажува во информацијата.

Обезбедување заштита на укажувачи

Член 7

На укажувачот и на нему блиско лице им се обезбедува заштита од било каков вид на повреда на право или штетно дејствие или опасност од настапување на штетни дејствија заради извршеното заштитено внатрешно пријавување.

Заштитата од ставот (1) на овој член се обезбедува од страна на јавното претпријатие со преземање дејствија да се спречи повреда на правата од работен однос или на кое било право и воздржување од дејствија со кои се повредува или загрозува било кое право на укажувачот заради извршеното пријавување.

Доколку не е обезбедена заштитата од ставот (2) на овој член, укажувачот за ова пријавува во Државната комисија за спречување на корупцијата, Народниот правобранител на Република Македонија, Инспекцискиот совет, Министерството за внатрешни работи и до Јавното обвинителство на Република Македонија, кои по пријавата без одлагање постапуваат согласно со своите надлежности.

Правото на заштитата од овој член се проширува да ги опфати и лицата кои ќе сторат веројатно дека оној кој е пријавен може да се сомнева дека извршилe пријавување против него.

Член 8

Заштитено пријавување укажувачот може да врши и со пријавување до Министерството за внатрешни работи, надлежното јавно обвинителство, Државната комисија за спречување на корупцијата, Народниот правобранител на Република Македонија или други надлежни институции, односно правни лица, доколку:

- внатрешното пријавување е непосредно или посредно насочено против раководното лице во јавното претпријатие за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар или

- укажувачот во врска со пријавувањето не добие информација за преземени мерки во рок од 15 дена од денот на приемот на пријавата или

- не се преземени мерки или укажувачот не е задоволен од постапувањето или се сомнева дека нема да се преземат мерки или дека внатрешното пријавување ќе предизвика штетни последници по него или по негово блиско лице (во натамошниот текст: заштитено надворешно пријавување).

Доколку укажувачот не изврши внатрешно или надворешно пријавување, а изврши јавно пријавување, нема право на заштита што произлегува од заштитено јавно пријавување.

Член 9

Укажувачот има право на судска заштита пред надлежен суд согласно со закон.

Укажувачот може пред надлежен суд со тужба да побара:

- утврдување дека е преземено штетно дејствије или е повредено право заради укажување;

- забрана на вршење на штетно дејствие или повреда на право и повторување на штетно дејствие или повреда на право;

- поништување на акт со кое е извршено штетното дејтвие или повреда на право;

- отстранување на последиците од штетно дејствие или повреда на право;

- надоместок на материјална и нематеријална штета.

Член 10

Укажувачот има право на надомест на штета што може да ја претрпи тој или нему блиско лица поради заштитено внатрешно пријавување.

Барањето за надомест на штета од ставот (1) на овој член се остварува со поднесување на тужба до надлежниот суд.

Член 11

Злоупотреба на пријавувањето на укажувачот е свесно пријавување невистинити информации за физичко или правно лице со цел предизвикување на штетни последици за истото.

Злоупотреба на пријавувањето на укажувачот е и доколку со должно внимание и совесно, до степен до кој тоа го дозволуваат околностите, не проверил дали тие се точни и веродостојни.

Со утврдување на злоупотребата од ставовите (1) и (2) на овој член се губи заштитата обезбедена согласно со Законот за заштита на укажувачи.

Злоупотребата на пријавувањето на укажувачот поради која настанале штетни последици за физичкото или правното лице е основ за поведување на постапка за утврдување на негова одговорност согласно со закон.

Преодни и завршни одредби

Член 12

Овој Правилник влегува во сила со денот на неговото донесување и истиот ќе се објави на огласната табла во претпријатието и ќе биде јавно достапен преку објава на веб страната на претпријатието.